Помошник-директор на Секторот за административно-технички работи во Царинската управа е осомничен дека во повеќе наврати побарал и примил вкупно 17.500 евра. Тој бил лишен од слобода во акција на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи.

Акцијата била спроведена во текот на вчерашниот ден, по претходна пријава од граѓанин. Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка поднел предлог за определување мерка притвор за осомничениот, откако оценил дека се исполнети законските услови.

Врз основа на досега собраните докази, постои основано сомнение дека службеното лице ги сторило кривичните дела „Примање поткуп“ и „Примање награда за противзаконито влијание“.

Според Обвинителството, во периодот од април или мај до септември 2026 година, осомничениот ја користел службената положба и во повеќе наврати барал и примал пари во вкупен износ од 17.500 евра.

Од таа сума, 7.500 евра наводно биле побарани и примени во врска со веќе склучен договор за јавна набавка за потребите на Царинската управа. Според сомненијата, парите биле дадени за договорот да продолжи да се реализира без пречки и без опасност да биде раскинат.

Во врска со друга постапка за јавна набавка, која била предмет на жалбена постапка, осомничениот наводно побарал дополнителни 10.000 евра. Притоа, како што соопшти Обвинителството, тој се повикал на свое претпоставено влијание врз натамошниот тек на постапката.

Според прибраните докази, за возврат осомничениот требало да влијае врз постапувањето во жалбената постапка и да дејствува во однос на условите и техничката спецификација.

Од ОЈО ГОКК наведуваат дека пријавата од граѓанинот овозможила навремено да бидат преземени законски дејствија за проверка на наводите, обезбедување докази и реализација на случајот.

Ова е втор случај за помалку од една седмица во кој Обвинителството, постапувајќи по пријава од граѓанин, презело дејствија што резултирале со успешна реализација.

Од ОЈО ГОКК оценуваат дека ваквите случаи ја потврдуваат важноста на соработката меѓу граѓаните и надлежните институции при навременото откривање и гонење на коруптивните кривични дела.

Обвинителството ги повика граѓаните што располагаат со сознанија или информации за можни коруптивни дејствија да ги пријават до надлежните органи. Оттаму нагласуваат дека секоја основана информација се проверува со должно внимание, додека идентитетот и личните податоци на пријавителите се заштитуваат во согласност со законските можности и потребите на постапката.