Известувањата од „Безбеден град“ ќе бидат усогласени со Законот за јазици
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека ќе се направат напори известувањата за прекршоците од проектот „Безбеден град“ да бидат усогласени со Законот за јазици, со цел да се спречи користење на проектот за собирање политички поени со националистички призвук.
„За да не го злоупотребувате ова во националистики призвук, веднаш ви кажувам ќе сторам се со МВР казните, опомените или информациите да бидат согласно Законот за јазици со МВР, за да немате таков аргумент, за да не мислите дека некој има против тоа. Напротив секој живот ни е драг, мил. Ние, не сакаме луѓето да гинат и покрај тоа што ќе трпиме политички реперкусии“, рече Мицкоски во одговор на пратеничкото прашање на Илире Даути од Алијанса за Албанците.
Тој нагласи дека иако во поставувањето на прашањето таа имала повеќе констатации, суштината според него е оти таа не сака проектот и законот да се спроведат.
„Тоа е суштината на вашиот говор. Јас тоа можам да го заклучам, а мислам и македонската јавност. Па сега вие изнесувате неколку дилеми меѓу кои велите дека инфраструктурата не била прилагодена, па требало да се прилагоди и така натаму. На 27 јануари, пред два дена затекнати се вкупно 76 нерегистрирани возила, каква врска има тука инфраструктурата. На истиот ден најголема измерена брзина е 196 километри на час. Како формула да возеле, значи има инфраструктура“, рече премиерот.
Податоци за прекршоците и целта на проектот
Мицкоски посочи дека проектот треба да се реализира на целата територија на државата, но најголем дел од прекршоците се регистрирани во Скопје. Според него, целта не е да се казнуваат граѓаните, туку да се намали бројот на прекршоци и да се зголеми безбедноста на патиштата.
„Вкупно околу 8000 илјади прекршоци се регистрирани на 27 јануари, од кои 75 посто се во Скопје, во Куманово и во Тетово се само по шест и пол проценти. Од нерегистрираните возила 56 се Скопје“, рече Мицкоски.
Тој додаде:
„Пред два дена беа 8000, многу е, но, на почетокот беа 108 илјади“.
Законот за јазици и реакции од пратеничката Даути
Мицкоски нагласи дека известувањата и казните мора да се прилагодат на Законот за јазици, за да се спречи нивна злоупотреба со етнички или националистички мотиви.
„Ако мислите дека тоа е пречка веднаш ви кажувам да се прилагоди и нема никаков проблем. Ако може за ова да спасам некој живот во Тетово, Скопје, Куманово, насекаде во Македонија. Вие не сакате ова да фунционира и мислите дека со тоа што ќе излезете и ќе играте на картата на ниски страсти и на картата на тоа дека ќе се казнуваат сите прекршители на закон дека ќе добиете политички поени, па го сведувате на етничка припадност, национализам. Тоа не сакам ниту да го коментирам“, додаде премиерот.
Пратеничката Илире Даути истакна дека од претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе побара да не стави потпис на Законот со кој се овозможува функционирање на проектот „Безбеден град“, бидејќи, според неа, не била одржана јавна расправа и не биле вградени сите забелешки.
