Русија и испратила на Америка листа со барања за прекин на војната во Украина и подобрување на односите со Вашингтон, потврдиле два извора за „Ројтерс“. Иако содржината на листата не е целосно откриена, руски и американски претставници веќе три недели разговараат за условите – и директно и онлајн – додека Кремљ соопшти дека го проучува предлогот за 30-дневно примирје договорено меѓу Украина и Америка во Саудиска Арабија.
Барањата на Русија за примирје
Изворите велат дека барањата на Русија се опсежни и слични на оние претходно поставени пред Украина, Америка и НАТО, вклучувајќи забрана за членство на Украина во НАТО, отпор кон распоредување странски сили на нејзина територија и меѓународно признавање на Крим и четирите анектирани региони како дел од Русија. Доњецк, Луганкс, Херсон и Запорожје целосно треба да припаднат на Руската Федерација.
По согласноста на Украина за примирјето, американските функционери сега се обидуваат да ја убедат Русија да го прифати, а Кремљ навестува можен телефонски разговор меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин.
Трамп изјави:
„Добив охрабрувачки сигнали за можноста за примирје, но ова е сериозна работа. Ако Русија не го прифати, можеме да ја притиснеме финансиски – ќе биде лошо за нив, но јас сакам мир.“
Портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит, потврди дека советникот за национална безбедност Мајк Волц разговарал со руски колега, а специјалниот пратеник Стив Виткоф оваа недела заминува за Москва. Таа рече:
„Ги повикуваме Русите да го потпишат планот. Ова е најблиску до мир во оваа војна досега.“
Русија е заинтересирана за долготрајно решение, а не за привремен прекин на огнот, според изјавите на функционери.
Притисок и преговори
Додека Америка и Украина го поддржуваат примирјето, Русија преку Кремљ покажува дека ги разгледува условите, но нејзините барања за Крим и териториите остануваат потенцијална пречка. Преговорите продолжуваат, а исходот може да го одреди идниот тек на конфликтот.