ХЕЦ „Глобочица“ избрана како прва локација за примена на мерките
Во Струга се одржа работилница посветена на зајакнување на критичната инфраструктура преку решенија базирани на природата, во рамки на меѓународниот проект NATURE-DEMO.
Настанот беше организиран од ХЕС „Црн Дрим“, а проектот е насочен кон демонстрирање на климатски отпорна инфраструктура.
Како што соопшти АД ЕСМ, проектот е финансиран од Европската комисија. Реализацијата се спроведува во соработка со Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).
– Со оглед на тоа дека станува збор за инфраструктура од стратешко значење за енергетската стабилност на Македонија, ХЕЦ „Глобочица“ е избрана како прва локација во државата каде ќе се применат напредни чекори преку стабилизација на свлечишта над браната со контролирано засадување на автохтони растенија и следење и превенција на евентуални идни ризици, соопшти АД ЕСМ.
Соработка меѓу институции и експерти
Работилницата, според организаторите, претставувала можност за координација меѓу релевантните чинители.
На неа учествувале експерти од ИЗИИС и тимот на АД ЕСМ Подружница ХЕС „Црн Дрим“. Присутни биле и претставници од локалната самоуправа на Струга и Охрид. Вклучени биле јавни претпријатија, претставници од невладиниот сектор и технички експерти.
Фокус на долгорочна стабилност и отпорност
Од АД ЕСМ посочуваат дека со ваквиот пристап се воведуваат современи методи за управување со инфраструктурата.
– Со ова партнерство, АД ЕСМ преку ХЕС „Црн Дрим“ активно придонесува кон воведување на современ пристап во заштитата и управувањето со инфраструктурата. Грижата за отпорноста и сигурноста на системот е заедничка одговорност, а ваквите активности претставуваат важен чекор кон негово понатамошно унапредување и долгорочна стабилност, посочува АД ЕСМ.
