Со комерцијален лет утрово пристигна првата пратка со вакцини „АстраЗенека“ преку Ковакс механизмот.

Со овие 24.000 вакцини „Астра зенека“ се очекува в среда да почне масовната имунизација на населението во државава. Со нив ќе бидат опфатени лицата над 75 години.

-Стигнаа првите дози преку Ковакс системот, развиен уште во летото минатата година со цел да има правична распределба на вакцините низ светот. Сега сме посветени на тоа имунизацијата да се спроведе брзо и ефикасно. Има најави и за други вакцини. Очекувањата во делот на времето не се исполнија, пратката доаѓа со неколку недели задоцнување, но има сигнали дека системот ќе продолжи во следните месеци, рече Филипче.

Министерот најави доаѓање на уште вакцини во следниот период, и призна дека оваа пратка доаѓа со недели задоцнување, напоменувајќи дека сите земји се соочени со овој предизвик. На скопскиот аеродром се обратија и сите присутни амбасадори.

Во меѓувреме и денеска граѓани на Македонија одат во Србија во Белград и во Ниш на вакцинација.