Преостанатите три екипи кои опстојуваат на проектот за фудбалска Супер лига, Реал Мадрид, Барселона и Јувентус, ја обвинија денеска Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) за неподнослив притисок што врз нив го врши за да се откажат од новото натпреварување.
– Основачите на Супер лигата и натаму страдаат, врз нив се врши притисок и трпат закани. Таквото однесување е неподносливо кога е во прашање владеењето на законите,. Некои судови веќе им наложија на УЕФА и ФИФА да се воздржат од такво однесување во време кога сè уште се чекаат судските постапки, се истакнува во заедничкото соопштение на Реал Мадрид, Барселона и Јувентус.
Нивната реакција уследи откако одбија да постигнат договор со УЕФА, како што тоа го направија другите девет екипи, кои првично застанаа за Супер лигата, а неполни 72 часа подоцна се откажаа од проектот.
Со цел да избегнат остри санкции, шесте англиски екипи, Челзи, Ливерпул, Арсенал, Тотенхем, Манчестер сити и Манчестер јунајтед, како и Милан, Интер и Атлетико Мадрид, во петокот потпишаа со УЕФА „Декларација за верност“.