Системот „Безбеден град“ ги казнува автобусите
Приватните превозници во Скопје реагираат дека системот „Безбеден град“ неправедно ги санкционира автобусите. Според нив, не се зема предвид спецификата на сообраќајот на градските линии.
Јовица Зафировски, претставник на приватните превозници, објаснува дека проблемот се јавува особено на раскрсници со трепкаво зелено светло.
„Ова може да предизвика сериозни последици во јавниот превоз, бидејќи немаат доволен број возачи за замена, а поголем број изречени забрани за управување би можеле да доведат до паркирање на автобусите и нарушување на редовниот сообраќај“, вели Зафировски.
Предлози за подобрување на системот
Приватните превозници посочуваат дека во градот нема посебни жолти ленти за автобусите, па должината на возилото често доведува до регистрирање како поминување на црвено. Тоа резултира со високи парични казни и одземање на возачките дозволи.
„Превозниците бараат да бидат третирани како посебна категорија со поголема толеранција во рамки на системот ‘Безбеден град’. Предлагаме поврзување на ГПС-системите во автобусите со семафорите, со што би се овозможило нивно вклучување во ‘паметниот’ зелен бран и избегнување на ваквите ситуации“, додава Зафировски.
