Пријава на 192 открила случај со убиство и пронајдено тело
Полициски службеници од СВР Скопје ноќеска го лишија од слобода 19-годишниот М.Б. од село Бојане, скопско, поради сомнение за сторено кривично дело „убиство“ по член 123 од Кривичниот законик, соопшти МВР.
Случајот започнал откако на телефонската линија 192 се јавил неговиот татко И.Б., кој пријавил дека синот му признал оти на 15.05.2026 во шума во околината на село Сарај со пиштол го усмртил Б.Д. (18) од Бојане.
По пријавата, полицијата презела координирани активности и го привела осомничениот во селото.
Пронајдени жртвата и оружјето
Во понатамошните активности на терен, полициските службеници го пронашле телото на 18-годишниот Б.Д., како и пиштолот за кој се сомнева дека бил употребен во кривичното дело.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава против осомничениот.
