Полицијата го расчисти убиството кај Смилковско езеро во Скопје и лиши од слобода едно лице. Против него е поднесена кривична пријава по брза постапка до надлежното обвинителство.

На 26.11.2026 по преземени оперативно тактички мерки, од страна на полициски службеници од Единицата за насилен криминал-Одделение за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје, лишен од слобода е Б.Ј.(38) од Скопје поради сторено кривично дело „убиство“.

Со Б.Ј. бил извршен службен разговор, при што тој го појаснил начинот на извршување на кривичното дело.

„Лицето е лишено од слобода, во врска со кривично правниот настан од 21.11.2026, кога по претходна пријава во СВР Скопје, на обиколница „Мајка Тереза“ во близина на селото Смилковци, Скопско, пронајдено беше лице без знаци на живот, а полициски службеници од СВР Скопје утврдија дека лицето е Ш.Е.(38) од селото Љубин, Скопско, при што беше забележана прострелна повреда во пределот на ногата“, соопшти МВР.

Во близина на телото беше пронајдено и патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, кое претходно го управувал.

Денеска (27.11.2026) по целосно документирање на кривично правниот настан, во координација со ОЈО Скопје, Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје поднесе кривична пријава по брза постапка против Б.Ј. за сторено кривично дело „убиство“ по член 123 од Кривичниот законик.