Министерот за здравство Венко Филипче синоќа оцени дека одлично поминал првиот ден од вакцинацијата во А1 Арената „Борис Трајковски“ и оти во просек се вакцинирале околу 300 лица на час, односно околу 3000 дневно, што се уште е екстремно мала бројка во споредба со сите оние категории кои треба да бидат приоритетно вакцинирани.

-Денеска се вакцинираа дел од здравствените работници како и еден дел од припадници на МВР. Утре продолжува вакцинациајта на МВР и започнува на припадниците на АРМ. Колегите ме информираат дека целиот систем функционира беспрекорно и тоа многу ме радува. Да бидеме максимално претпазливи во неделите што следат и да ги почитуваме мерките без исклучок, објави синоќа на ФБ Филипче, потсетувајќи дека од денеска стапуваат во сила поригорозни мерки и повика сите да дадеме придонес во битката со пандемијата.

Вчера во А1 Арената пријавените лица беа вакцинирани со руската вакцина „Спутник В“. Во оваа фаза ќе бидат имунизирани лица од т.н. критична инфраструктура – вработени во МВР, АРМ, новинари, возачи на автобуси, пожарникари, воспитувачки во градинките, вработени на патарини и други.

На терен работи тим од 20-ина медицински сестри и пет доктори во две смени. Во салата се одредени места каде вакцинираните се под опсервација 15 до 20 минути. На самото место има екипи на Итна медицинска помош, доколку има потреба да интервенираат.

Џансон Лукувац, студент по медицина, кој работи на административниот дел при вакцинацијата, за МИА изјави дека се е доста добро организирано и нема непосакувани реакции кај граѓаните кои се вакцинираат. Во одос на третманот и препораките по првата примена доза, тој посочи дека не се очекуваат побурни реакции.

– Само доколку има болка или покачена температура да се употребат антиперетик или аналгетик. Доколку се јават некои побурни реакции ќе се обратат кај нивните матични доктори или на повисока инстанца, нагласи Лукувац.

Аида Мемишовска, медицинска сестра од Центарот за јавно здравје за МИА посочи дека вакцинацијата се одвива според планот. Таа упати апел до сите граѓани да се вакцинираат за Ковид-19. Во однос на тоа дали кај некое лице имало несакана реакција откако ја примило вакцината, Мемишовска посочи дека на едно лице му се слошило, но од страв.

Министерот Филипче, вчера исто така посочи дека антитителата како количина не се репер за тоа дали треба да се добие вакцина или не, односно нема долна граница. Дополнително зависи од апаратот на кој се работи и институцијата. Во принцип ставот е дека после два или три месеци од прележувањето на болеста може да се прими вакцина против Ковид-19.

– Некогаш останува таканаречениот клеточен имунитет, а тоа значи дека веднаш кога ќе дојде повторно во контакт организмот ќе почне да лачи антитела кои во даден момент можеби се немерливи, посочи Филипче, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата.

Во однос на вакцината „Астра Зенека“, Филипче рече дека таа сега им се дава на повозрасни граѓани и нема никаква контраиндикација. Вакцинацијата продолжува и нема причина да запре, додаде министерот, а се чекаат насоки дали оваа вакцина ќе им се дава и на помлади од 60 години.

– Ние ќе го чекаме официјалниот став на Европската агенција за лекови – ЕМА чиј борд ќе заседава помеѓу 6 и 9 април и, согласно одлуката, и ние ќе постапиме. Засега добро се одвива вакцинацијата на постари граѓани со „Астра Зенека“ и нема никаква контраиндикација или некоја препорака за внимателност, рече Филипче.

Посочи дека некои национални агенции се внимателни – Германија запрела со „Астра Зенека“ и помлади лица што примиле прва доза од таа вакцина, добиваат втора доза од друг тип вакцина, пр. „Фајзер“.

Филипче, на прашањето на МИА на што треба да внимаваат оние граѓани кои примиле „Астра Зенека“, дали треба да направат некаква контрола или крвна слика и како да ги препознаат симптомите на нус појавите од вакцината, подвлече и дека нема простор за паника, вакцината „Астра Зенека“ е безбедна и граѓаните треба да бидат спокојни,

-Не, нема никаква препорака дека кој било граѓанин кој примил таква вакцина треба да прави нешто во смисла на превенција. Во делот на давањето вакцина, како што кажав, ќе ги чекаме препораките, меѓутоа нема простор за паника, вакцината е безбедна, тие тромботични ефекти се толку ретки што се споредуваат со тромботични ивенти и кај тие исти групи на граѓани според возраста и полот и согласно други здравствени состојби така да граѓаните треба да бидат спокојни, одговори Филипче.

Во моментов во земјава има препорака со вакцината Астра зенека да не се вакцинираат лица под 60 години, согласно препораките што беа издадени во Канада и Германија минатата недела.

И премиерот Зоран Заев повика на масовна имунизација на населението. Нагласи дека никој не треба да се мисли да се имунизира и додаде дека сите ќе треба да го почитуваме редот, да се пријавиме преку своите матични лекари во системот за вакцинација за, како што рече, на најефикасен начин да се избориме со пандемијата.

-Не сакаме да го нарушиме редот на имунизација со тоа што сме високопозиционирани во општеството со својата општествена функција. Јас и министрите ќе бидеме пример за да ги охрабриме граѓаните да се вакцинираат против коронавирусот, но сакаме да го испочитуваме редот и редоследот на вакцинацијата и предност да им дадеме на повозрасните граѓани и хронично болните, паралелно со најекспонираните и најизложените на пандемијата, порача вчера Заев.

Посочи дека вакцината е борбата против пандемијата и ќе биде успехот на победата над пандемијата што ќе ја постигнеме.

Процесот на имунизација против коронавирусот во земјава почна 16 февруари со вакцинирање на здравствените работници.

Во државава досега пристигнаа 78.000 вакцини, од кои 48.000 се донација од српската Влада.