Минималната температура ќе се движи од 14 до 23, а максималната од 35 до 43 степени. УВ индексот 9.

Во Скопје, сончево и многу топло со слаб ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде 20, а максималната ќе достигне до 42 степена.

Во наредните денови ќе продолжи периодот на стабилно и многу топло време со натпросечни температури за овој период од годината. Максималните температурни вредности вдолж Повардарието за 2 до 3 степени ќе го надминуваат 40-иот степен.

И во наредните денови насекаде ќе биде активирано портокалово ниво на опасност од високи температури.

Министерството воедно потсетува на општите мерки за заштита до кои треба да се придржуваат граѓаните, особено во овие екстремно топли денови.

-Да се остане повеќе во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор, да се најде можност за почести одмори под сенка. Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да се носат заштитни очила и капа и да се користи крема со висок заштитен фактор. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри, укажува Министерството за здравство.

На хронично болните лица им се препорачува редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.

Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарски производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивна употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање веднаш по подготовката.