Со претрес по амандмани за Предлог-буџетот за 2025 година, денеска треба да продолжи комисиската расправа во Собранието.
Расправата за Буџетот за следната година на собраниската Комисија за финансирање и буџет трае 10 дена и треба да заврши најдоцна до 30 ноември по што продолжува на пленарна седница. За Предлог – буџетот за 2025 година се поднесени вкупно 308 амандмани од кои 204 од опозициската СДСМ. Согласно законот, Буџетот за 2025 година треба да биде изгласан до 31 декември.
На четвртиот ден од собраниската комисиска расправа со кој вчера беше исцрпен општиот претрес, пратениците од власта и опозицијата ги спротивставија ставовите околу Предлог-буџетот за 2025 година. Според едните, буџетот е развоен, домаќински и базира на дисциплина, мерење резултати, анализи, проверки и стратешко планирање, а според другите е нереален, покажува немање визија и треба да се врати на доработка во Владата.