-Заканата од новиот сој „Делта“ треба да се сфати крајно сериозно, а здравствените власти заедно со населението да побрзаат со процесот на вакцинација ако не сакаат зимава повторно да живееме под рестриктивни мерки. За страдањата и смртните случаи да не зборуваме – доволно е да се потсетиме на сликите од индиските болници, вели професорот.

За опасноста од нов бран во Европа предупредува и Светската здравствена организација, а тие проценките не ги даваат туку-така, од ракав, додава тој.

Професорот Трајковски ги предупредува нашите здравствени власти дека треба навреме да порачаат ПЦР реагенси за детектирање на индискиот сој, бидејќи, како што вели, тој потешко се открива со обичните реагенси.

-Ако е вистина, како што тврдат британските експерти, дека преносливоста на индискиот „Делта“ сој е за 40 отсто – 60 отсто (!) повисока од преносливоста на британскиот „Алфа“ сој, тоа би значело дека неговиот базичен репродукционен број R0 изнесува 5 – 6. Со толку висока преносливост, дури и под најоптимистичка претпоставка дека моменталниот степен на колективен имунитет изнесува околу 60 отсто (за која моите проценки – врз основа на стапката на серопреваленција – кажуваат дека е претерана и не изнесува повеќе од 40 отсто), неминовен е нов бран, се додека стапката на прележаност не го достигне новото ниво на колективен имунитет од 84 отсто (1-1/R0 = 1 – 1/6 = 84 отсто), пишува професорот Трајковски.