Нов бран дојави за бомби ја погоди Бугарија, а заканите овојпат стигнаа и до патнички авион што летал од италијанскиот град Бергамо. Леталото било принудено да слета на аеродромот „Васил Левски“ во Софија, каде што специјалните антитерористички единици започнале детална проверка за евентуално поставен експлозив.
Вршителот на должноста главен секретар на бугарското Министерство за внатрешни работи, Љубомир Николов, соопшти дека заканата пристигнала преку електронска пошта.
„Непријатно е што сега почнаа да ги вклучуваат и авиокомпаниите, поради што се наметнува потреба од промена на курсот на авионите и преземање соодветни мерки“, изјави Николов.
Тој нагласи дека засега нема информации за конкретни терористички намери, но безбедносните мерки на аеродромите се подигнати на повисоко ниво.
Само еден ден претходно, авион од Лондон за Софија бил пренасочен кон Будимпешта поради слична закана. На 18 октомври, пак, лет од Тел Авив за Виена принудно слетал во Софија. Во ниту еден од претходните два случаи не била пронајдена експлозивна направа.
Дојави за експлозивни направи добиле и Окружното обвинителство Стара Загора и болницата во Казанлак. Судската палата во Стара Загора ја прекинала работата до 13 часот, а сите закажани судки рочишта биле одложени.
Закани пристигнале и до судските згради во Бургас и Јамбол, како и до Општина Јамбол. Вработените во овие институции продолжиле со извршување на работните обврски додека полицијата вршела темелни проверки на објектите.
Во изминатите денови слични пораки добиле и судови, училишта и детски градинки во повеќе градови низ Бугарија. Полициските проверки на терен не откриле експлозивни направи.
Бугарија се соочува со вакви заканувачки бранови уште од 2023 година, кога масовни дојави непосредно пред изборите доведоа до воведување нов безбедносен протокол. Според новите правила, евакуацијата не е автоматска, туку зависи од директната полициска процена на безбедносниот ризик.
Бугарските власти воедно се соочуваат и со безбедносни ризици во Црното Море, каде што во изминатиот период беа пријавени напади со поморски дронови врз бродови во близина на бугарските води. Овие инциденти го зголемија вниманието кон безбедноста на пловидбата, особено поради ризикот од оштетени бродови и евентуално истекување опасни материи.
Нападите врз трговските и транспортните бродови се поврзуваат со војната меѓу Русија и Украина, но официјално засега нема потврдени информации дека имаат директна врска со лажните дојави за бомби во Бугарија.
