Во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје вечерва беше промовирана книгата „Македонски идентитетски прашања“ од универзитетската професорка Јованка Кепеска. Делото е објавено од издавачката куќа „Македоника литера“, со поддршка од Глобалната македонска фондација „Вечна“ преку нивната специјализирана програма за промоција на националното наследство.

Книгата низ филозофски, социолошки, историски и правно-политички пристап детално ги обработува клучните аспекти на македонскиот национален идентитет, јазикот, културата и државноста. Пред присутните се обратија промоторите, професорите Наташа Котлар-Трајкова и Звонимир Јанкуловски, како и претседателот на фондацијата „Вечна“, Мирче Ѓоргоски.

Концептуално книгата е поделена на пет есеистички поглавја и на овој начин професор Кепеска на насловната тема Македонски идентитетски прашања ѝ пристапува со целосен одговор, вели Наташа Котлар-Трајкова.

Промоторот Звонимир Јанкуловски истакна дека книгата претставува повик за будење на нацијата и зачувување на колективната меморија, која е суштинска за опстанокот на народот пред современите обиди за релативизација на корените.

Сакам да свртам внимание на еден триаголник: поединецот, говорот и духот. Духовноста на поединецот како израз на духот на народот, преточен во говор. Популарните народи го чуваат својот говор токму затоа што го чуваат својот дух, на тој начин опстојуваат, вели Јованка Кепеска.