Ништо ново и непознато – рециклираните комунисти без власт и моќ се претвораат во лути и огорчени индивидуи кои со повишен тон и реторика полна со гнев и лични навреди се нафрлаат како бесни кучиња кон своите политички противници и секој оној кој не ги дели нивните фрустрации и очај во секојдневието на современата политика во Македонија.

ПИШУВА ПРОФЕСОР ЗВОНИМИР ЈАНКУЛОВСКИ 

Агресивната политичка реторика на нивниот лидер не е намерна комуникациска стратегија – внимателно одмерен маркетиншки алат дизајниран да влијае врз однесувањето на гласачите, туку е резултат на спонтани неконтролирани емоционални реакции. Ако некој некогаш имал сомнеж во искреноста на намерите на рециклираните комунисти во политиката, конечно може да се уверие до каде оди злобата и омразата и нивото на култура на челниците на оваа партија, кои се однесуваат како насилници, а не политичари, како гангстери што им се закануваат на „непријателите“ со уништување и истребување сметајќи дека не подлежат на одговорност за своите постапки.

Лидерот на СДС не е некаков нов феномен со кој се соочуваме со оваа партија – тој е производ на политичката идеологија на омраза и потценувачки однос кон другите. Тој е вистински претставник на политичар на стариот режим, чија идеолошка заслепеност и нетрпеливост се засилени со слепа вера во бруталната политичка моќ која го трансформира во „були“ на македонската политика. Повеќе пати сум повторил, но сега се потврди: од комунист социјалдемократ не бидува.

Поразот на последните парламентарни избори и маргинализацијата на некогаш големата партија го потресе политичкото ткиво и ги деморализираше социјалдемократите. Поразот на изборите го означи навлегувањето на фрагментираните социјалдемократски структури во состојба на борба за опстанок, која поттикна бранови на екстремно политичко заплашување и ширење страв меѓу своето членство и политичките противници. Целта е да се парализира политичкиот процес во државата преку обликување на политичките реакции на луѓето, нарушувајќи ја репутацијата и карактерот на противникот, напаѓајќи го врз основа на неговиот или нејзиниот стигматизиран идентитет со цел да се понижи и оцрни секој што се доживува како закана на лидерството на партијата. Радикалниот и навредлив говор на лидерот на социјалдемократите не е спореден елемент на неговата политика, туку нејзината суштина. Неговата агресија не е само начин на емоционално празнење, туку го нагласува неговиот презир, глупост, жалење, агресија, незнаење, несмасност, суровост, примитивизам како дискурзивни алатки преку кои се обидува да ги оспори односите на моќ и ја изрази својата идеолошка празнина. Организираното и екстремно вербално и невербално насилство кое го манифестира е онаа препознатлива ментална матрица што ги разликува социјалдемократите од останатите во политиката во Македонија. Како вистински политички насилници социјалдемократите ја лишуваат секоја тема од нејзината суштина. На крајот, ваквите политички дискредитации на лидерот на социјалдемократите можат да се сфатат како чинови на немоќ што ја исфрлаат политиката од самата политика и ги замаглуваат не само суштинските теми, туку и прашањата за моќта, ставајќи ги во преден план бескрајните шпекулации за карактерот на нивните политички или партиски противници.

Дали грдите обвинувања и вербалното малтретирање во политиката се вообичаена работа за социјалдемократите? Секако. Во својот најекстремен облик вербалната агресија на лидерот на социјалдемократите денес е длабоко нихилистичка – на тој начин покажува дека не почитува никакви социјални, етички или психолошки граници. Таквите вербални агресори во  политиката се недостапни за какви било апели и не можат да бидат допрени, освен, можеби, преку стравот и нивниот инстинкт за самоодржување. Ова е политиката на рециклираните комунисти во нејзината најсурова форма. Станува очигледно дека во новиот политички свет на рециклираните комунисти нема ограничувања, сè е дозволена цел. Но, без оглед на јавното малтретирање и политичкото заплашување што го трпиме од нерелевантен политички субјект во моментов и неговиот лидер, конечно можеме да се увериме дека омразата и желбата за одмазда биле и се во основата на политичкото делување на рециклираните комунисти во независна Македонија. Лидерот на социјалдемократите барем е искрен во својот политички примитивизам – го зборува она што членството го мисли за своите  политички противници и неистомисленици. Не дека немавме ваква политичка реторика порано. Но, сега гледаме дека демократскиот капацитет на рециклираните комунисти никогаш нема да се ослободи од носење политички одлуки поттикнати од омраза и одмазда, што води во деструктивни политики, институционална ерозија и општествена поделба. Во нивниов случај и внатрепатиско раслојување. Тоа е сепак нивен проблем и треба да ги оставиме самите да си вадат очи. За жал, тешко дека социјалдемократите можат целосно да го искоренат импулсот за навредување, зашто не се способни да воспостават граници и да постават ограничувања, како и да се спротивстават на неприфатливото однесување и јавно да го осудат, па макар било тоа и на лидерот на партија.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес