Во украинскиот град Лавов избувна инцидент поврзан со мобилизацијата, откако група граѓани се собраа околу возило на Територијалниот центар за регрутација. Насобраните го блокирале возилото и, според објавените снимки, извикувале „Срам!“.

Случајот предизвика реакција од украинските власти, кои најавија дека ќе се проверува и постапувањето на воените службеници и однесувањето на граѓаните кои ја попречувале акцијата.

Според официјалните информации, службениците за мобилизација претходно идентификувале маж роден во 1996 година. Тој бил баран поради прекршување на правилата за воена регистрација, а потоа бил упатен на воено-медицински преглед.

Очевидци тврдат дека воените службеници се обиделе да приведат две лица. Едното било однесено, додека второто останало на местото откако реагирале насобраните граѓани.

На снимките што се шират на социјалните мрежи се гледа оштетено службено возило, со издувани гуми и оштетен преден дел.

По инцидентот се огласи шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, кој порача дека нападите врз припадници на сопствената армија се неприфатливи.

„Ако денес ги напаѓате војниците од сопствената армија, размислете кој ќе ве штити утре од непријателската армија“, порача Јермак.

Министерството за одбрана на Украина оцени дека ваквите инциденти ја поткопуваат одбранбената способност на земјата и ѝ одат во прилог на Русија.

Регионалните власти во Лавов соопштија дека ќе се утврдуваат сите околности околу случајот. Ќе се проверува дали граѓаните незаконски ги попречувале службените лица, но и дали регрутните службеници постапиле согласно прописите.

Украинскиот Генералштаб потврди дека е отворена и внатрешна проверка за постапувањето на службениците вклучени во инцидентот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Pepo Politika (@pepo.politika)