Тепачки, турканици и директни физички пресметки меѓу стотици купувачи го одбележаа овогодишниот попуст за „Црн петок“ во парагвајскиот град Сиудад дел Есте, сместен на самата граница со Бразил. Шопинг-треската предизвика инциденти во повеќе трговски објекти.
На видеоснимките што ги објавија бразилските и аргентинските медиуми се забележува како потрошувачите буквално се фрлаат на подот во обид да ги зграпчат електронските уреди што се продаваат по драстично намалени цени.
Медиумите од регионот информираат и за инцидент во кој тројца купувачи физички се пресметале за да стигнат до еден клима-уред. На социјалните мрежи масовно се шират снимки од овие хаотични моменти, каде што толпата се турка за да купи преносни компјутери и техничка опрема.
За разлика од останатиот дел од светот, градот Сиудад дел Есте попустите за „Црниот петок“ ги организираше во периодот од 19 до 22 ноември. Официјалните податоци на бразилските царински служби покажуваат дека за неполни два дена преку 74.000 луѓе пеш го поминале Мостот на пријателството, кој ги спојува Бразил и Парагвај.
Овој пограничен град претставува еден од најголемите шопинг-центри во Јужна Америка и е исклучително популарна дестинација за бразилските граѓани поради значително пониските цени на техниката. Слични тепачки во овој центар беа регистрирани и минатата година, кога во трговскиот центар „Шопинг Чина“ се продаваа лаптопи за само 80 американски долари.
За трговските субјекти огромниот интерес претставува профитабилен бизнис. Според прелиминарните проценки на локалната стопанска комора, во текот на четирите дена бил реализиран трговски промет од околу 350 милиони долари, што претставува пораст за 50 милиони долари во споредба со минатата година.
