Машинскиот и извршниот персонал на МЖ Транспорт денеска од 12 часот почна бојкот, а како што најавуваат, нема да тргне ниту возот за Битола.
Бараат зголемување на вредноста на бодот за 30 проценти, исплата на вториот дел од платата за февруари, исплата на ноќна работа за кондуктерите и исплата на намален број на извршители согласно член 168 од колективниот договор. Од синдикатот бараат и вработување на 40 машиновозачи за што, како што велат, уште во февруари имаат испратено барање до Министерството за транспрот и врски, Министерството за финансии и до Владата.
– Бојкотот ќе трае се до исполнување на барањата. И да пуштат плата денес, бојкотот ќе продолжи додека не бидат исполнети сите барања, изјави Тони Димовски, претседател на машиновозачите и претставник на машинскиот и извршниот персонал на МЖ Транспорт.
Според Димовски, досега нема најави за средба со менаџментот на компанијата.