Според најавите, протести се закажани во сите градови во 18 часот пред општинските згради. Во Скопје ќе се одржи протестен марш кој во исто време ќе почне пред зградата на Министерството за образование и наука, ќе продолжи кон Владата, а ќе заврши пред Собранието каде родителите ќе ги испратат своите пораки до пратениците.
Вчера за само три часа ги собраа потребните 100 иницијални потписи за референдум на државно ниво откако минатата година Собранието ја одби нивната иницијатива како некомплетна. Потписи се собираа во подрачните единици на ДИК во Битола и во Скопје.
Родителите сметаат дека ова е единствен начин за да се избор за своите барања поврзани со образовните реформи бидејќи сметаат дека МОН нема да ги земе предвид нивните забелешки и барања.
– Референдумот е законско право на секој граѓанин. Апсурдно е што таа воопшто не не слуша нас. Апсурдно е да не ги праша родителите дали се за овој Закон или против овој Закон, вели Драгана Спасевска од Иницијативата „Учебници и настава мора да има“.
За МОН апсурдно е да се блокира напредокот на образованието.
– Правото на покренување на иницијатива за референдум е легитимно, затоа што е уставно загарантирано. Но сепак, причината поради која се користи ова право, не е оправдана, апсурдно е на референдум да се блокира напредокот и дигитализацијата со која се осовременува образованието. Промените мора да се случат. Новините се предизвик за сите, но од нив не треба да се откажуваме, туку напротив заедно и транспарентно да продолжиме да работиме на нивно интегрирање во системот, велат од Образование.