Бараат исплата на една заостаната плата и придонеси. Дел од нив на принуден одмор се од од април. Тврдат дека од менаџментот им бил вршен притисок да потпишат документи со кои од „Алкон-текс“ се префрлаат во друга фирма.
Тие одбиле и затоа не се вратени на работа. Официјален одговор од менаџментот на компанијата нема.
Пред работниците и новинарите излезе директор на една од фирмите што работи во истата зграда при што тврдеше дека фирмата „Алкон-текс“ од април не е закупец на простор во објектот. Тоа ги револтираше работничките кои тврдат дека управителот на „Алкон -текс“ е во блиски роднински врски со сопствениците на конфекцијата што ја поседува зградата.
Поддршка на текстилните работнички им дадоа од „Гласен текстилец“ и конфедерацијата на слободни синдикати кои ги повикаа институциите да го проверат случајот со префрлање на капиталот од една во друга фирма.