Кина ги обвини САД  за „провокација“ за инцидентот во кој кинески авион преминал пред американски авион за надзор над Јужното Кинеско Море.

„Долготрајното и често испраќање на бродови и авиони од страна на Соединетите Држави за близок надзор на Кина сериозно му штети на националниот суверенитет и безбедност на Кина“, изјави во средата портпаролката на Министерството за надворешни работи Мао Нинг.

„Овој вид на провокативна, опасна активност е причина за безбедносните проблеми на морињата. Кина ќе продолжи да ги презема сите неопходни чекори за одлучно да ги заштити сопствениот суверенитет и безбедност“, рече Мао.

Американската војска во вторникот соопшти дека кинески борбен пилот извршил „непотребно агресивен маневар“ во близина на американски авион за набљудување што оперирал над Јужното Кинеско Море минатата недела.

На видео снимката објавена од американската војска се гледа како кинески борбен авион преминува пред американскиот авион, што може да се види како се тресе од настанатите турбуленции.

Кинескиот авион „леташе директно пред и на 122 метри од носот на RC-135, принудувајќи го американскиот авион да лета низ бурните турбуленции“ во петокот, се вели во соопштението на Индо-пацифичката команда.

„РЦ-135 вршеше безбедни и рутински операции над Јужното Кинеско Море во меѓународниот воздушен простор, во согласност со меѓународното право“, се додава.

Инцидентот се случува во време на распаднати врски меѓу Вашингтон и Пекинг поради прашања како Тајван, кој Кина го смета за своја територија, и соборувањето на наводниот кинески шпионски балон што прелета над САД оваа година.

Висок официјален претставник на американската одбрана рече дека има „алармантно зголемување на бројот на ризични воздушни пресретнувања и конфронтации на море“ од кинески авиони и бродови – дејства што „имаат потенцијал да создадат небезбеден инцидент или погрешна пресметка“.

Со својата Народноослободителна армија како најголема постојана војска во светот, која одговара директно на владејачката Комунистичка партија, Кина често предизвикува воени авиони од САД и нивните сојузници во Јужното и Источното Кинеско Море и Тајванскиот теснец што ги поврзува двете.

Таквото однесување доведе до судир во воздух во 2001 година меѓу кинески ловец и набљудувачки авион на американската морнарица во кој кинескиот авион беше изгубен, а пилотот загина