Новиот поглавар на Католичката црква, папата Лав XIV, вечерва се појави на главниот балкон на базиликата „Свети Петар“. Пред десетици илјади собрани верници го одржа својот прв говор по изборот.

„Мир со сите вас“. Ова беа првите зборови на 69-годишниот папа. Роден во Чикаго, кој зборуваше на италијански јазик.

„Браќа и сестри, ова е првиот поздрав на воскреснатиот Христос. Сакам да упатам поздрав на мирот што стигнува до вашите семејства. До сите вас, каде и да сте. Нека мирот биде со вас“, рече тој, предизвикувајќи бурен аплауз и радосни извици од толпата.

Папата Лав XIV ја продолжи својата порака со повик за љубов и заедништво, нагласувајќи: „Бог нè сака сите, безусловно“. Тој му оддаде почит на својот претходник, папата Франциск, и изрази желба да го следи неговиот пример, давајќи благослов на верниците на плоштадот „Свети Петар“.

– На човештвото му е потребен Христос како мост до Бога и неговата љубов. Помогнете ни, и да си помагаме едни на други, да градиме мостови, порача новиот папа.

Американецот Роберт Превост е новиот папа – го избра името Лав XIV

Тој им се заблагодари на кардиналите што го избрале на дводневната конклава и упати посебен поздрав до Црквата во Рим.

На шпански јазик, Лав XIV се обрати и на својата поранешна бискупија во Перу, каде што, како што рече, „верниот народ ја споделуваше својата вера и даде многу“.

На крајот од говорот, папата ги повика верниците заедно да ѝ се помолат на Дева Марија, по што плоштадот повторно се исполни со воодушевување. Тој прочита извадок од светите текстови на латински јазик во чест на светците и Богородица, а потоа уште еднаш ги благослови собраните. Додека оркестарот на карабинерите свиреше во позадина, папата Лав XIV мавна на мноштвото што го исполни плоштадот, каде што продолжи прославата.

Извор: Курир