Република Македонија ангажирала државни ресурси надвор од својата територија, по барање на Република Косово за меѓудржавна помош во справувањето со пожар. Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи интервенирал во реонот на Хани и Елезит, каде што им дал поддршка на екипите кои се борат со огнената стихија.

Од Центарот за управување со кризи информираа дека по приемот на барањето, директорот на ЦУК, Мухамед Али, бил во директна и континуирана координација со сите надлежни институции.

Координацијата се одвивала заедно со Стојанче Ангелов, раководител на Главниот штаб, со цел навремено активирање на домашните капацитети и обезбедување помош за справување со големиот пожар што ја зафатил соседната држава.

Од ЦУК посочуваат дека ангажманот не претставува само интервенција за гаснење пожар, туку и потврда на подготвеноста на државата да им помогне на соседите, но и пошироко, секогаш кога тоа е најпотребно.