Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски ги повика македонските превозници да не потпаѓаат под влијание на, како што рече, лажни информации за ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната. Тој истакна дека во Брисел немало состанок на кој се разговарало за нови ограничувања за превозниците од Западен Балкан.

Николоски, во гостување во емисијата „Вести плус“ на ТВ Канал 5, рече дека професионалните возачи веќе имаат можност да користат долгорочни визи издадени од одредени земји. Таквите визи, како што појасни, важат за целата Шенген-зона.

„Пред два дена во Брисел немаше никаков состанок, туку вообичаена редовна прес-конференција на која новинарите можат да постават какво било прашање, па и за превозниците од Западен Балкан. Би ги замолил превозниците да не потпаѓаат под влијание од една соседна држава во која сега ќе има избори. Токму од таму дојде информацијата дека на 1 септември во Брисел имало некаков состанок. Тоа е лажна вест“ – рече Николоски.

Тој посочи дека значаен чекор во решавањето на проблемот со престојот на македонските професионални возачи во Шенген-зоната бил направен во февруари годинава.

Според него, Европската комисија тогаш ги препознала возачите на камиони, автобуси и други превозни средства како професионалци, со што им се отворила можност да аплицираат за долгорочни визи.

„Се работи за доста сериозен проблем што го имаат македонските превозници и ние целосно го разбираме и им даваме сериозна поддршка. Мислам дека најголемиот напредок се случи во февруари, кога Европската комисија реши да ја промени својата визна стратегија и да ги препознае возачите на камиони, автобуси и други превозни средства како професионалци“ – рече Николоски.

Тој објасни дека токму оваа можност им овозможува на возачите да добијат долгорочни визи и да не бидат ограничени со правилото за престој од најмногу 90 дена во период од 180 дена, кое важи за граѓаните на земји што не се дел од Шенген-зоната.

Николоски посочи дека македонските возачи веќе можат да аплицираат за вакви визи во Хрватска и Швајцарија.

„Многу е значајно што тие визи важат за целата Шенген-зона, односно не се однесуваат само на државата што ги издала, туку на целата Шенген-зона. Ова е решение што можеме да го користиме. Секако, би било подобро и полесно доколку ЕУ ги промени правилата. Ние цело време го бараме тоа, но тоа не зависи од нас, туку од ЕУ“ – нагласи Николоски.

Тој додаде дека целта е со долгорочни визи да бидат опфатени и други држави во кои најчесто работат македонските превозници.

Сепак, според него, и визите што во моментов ги издаваат Хрватска и Швајцарија се доволни за возачите да можат непречено да се движат низ Шенген-зоната.

„Кога ќе се влезе во Шенген-зоната, нема ограничување во движењето. Доколку некој има долгорочна виза, треба само да ја покаже и нема да има проблем со престојот“ – појасни Николоски.