Грчката опозициска партија ПАСОК- Движење на промена ќе одржи конгрес што е прв, откако Никос Андрулакис беше избран на лидерската позиција, јави дописничката на МИА од Атина.
Конгресот ќе започне вечерва со говор на претседателот на партијата, а ќе продолжи и во текот на викендот, ќе се обратат членови и поранешни претседатели на партијата, но и поранешни премиери од редовите на ПАСОК- Движење на промена, а ќе се одржи гласање и за новиот Централен комитет.
Пред две седмици членовите на партијата, на внатре партиски избори одлучија новото име на партијата да биде ПАСОК – Движење на промена, односно да се врати и зборот „ПАСОК“ како и стариот партиски симбол, зеленото сонце.
Во декември минатата година Никос Андрулакис беше избран за нов лидер на партијата.
ПАСОК – Движење на промена е трета политичка сила во Грција.