Четворица вработени во Центарот за рехабилитација „Станчиќ“, во Хрватска, останаа без работа бидејќи одбиле тестирање, што е услов за доаѓање на работа во системот за социјална заштита и здравствена заштита.
Ова се први откази поврзани со одлуката на Националниот центар за цивилна заштита, според која од 4 октомври сите вработени во здравствени и социјални установи по пристигнување на работа треба да достават дигитална ковид потврда, со која ќе докажуваат дека се вакцинирани или го прележале корона вирусот.
Доколку немаат еден од тие два услови, должни се два пати неделно да се тестираат.
Логопед, психолог, дефектолог и еден вработен во техничкиот персонал, одбиваат веќе еден месец да го сторат тоа, што ги чинело работа, пишува Јутарњи лист.
Од Министерството за труд, наведуваат дека четворица вработени одбиле да постапат согласно протоколот за воведување посебна безбедносна мерка задолжително тестирање на сите вработени од областа на социјалната заштита.
Оттаму додаваат дека со оглед на тоа што не доставиле соодветни докази за вакцинација против Ковид 19 или прележано заболување, имале обврска да се тестираат, а одбиле, пренесува Јутарњи лист.