Психологот Ана Алексоска од Прилеп апелира за брзо започнување на психолошката помош. Помош за сите кои беа погодени од трагедијата во Кочани. Според неа, психолошката поддршка е особено важна за семејствата кои ги загубија своите најблиски, и сите кои се лекуваат во земјава и во странство. Алексоска напоменува дека потребата за помош е различна за секого. Тоа, според неа бара брза реакција од општеството.
Таа истакнува дека првата помош треба да биде насочена да луѓето ги изразат своите емоции и да започнат процес на заздравување. Алексоска додава дека активностите што им даваат смисла на луѓето се од клучна важност за процесот на лекување.
Важна е поддршката од роднините и пријателите, како и професионалците во областа на психолошката помош.
Психолошката помош треба да се обезбеди што побрзо, особено за младите од Кочани, кои имаат генерациски загуби. Алексоска истакнува дека Комората на психолози веќе ја објавила листата на психолози кои бесплатно нудат помош и поддршка за сите засегнати.
Групата на психолози во Прилеп исто така нуди бесплатна психолошка помош за оние кои се соочуваат со последиците од трагедијата.
Алексоска дополнува дека психолошката помош е итно потребна и за сите повредени кои се лекуваат. Таа споменува дека европската асоцијација на КПТ терапијата предложила директна работа на терапевти со нашите деца кои се згрижени во странство.
“Мора што побрзо да се започне со психолошката помош”, заклучува Алексоска.
Извор: Курир