Претседателката на Македонија доаѓа од академскиот свет. Имавме свои теми и симпатии кон младите луѓе и нивното вклучување во политичките процеси, што треба да помогне доколку регионот сака да ги задржи младите дома, изјави попладнево во Охрид вршителот на должност претседател на Србија, Александар Чупиќ, по билатералната средба со Гордана Сиљановска-Давкова во рамките на Процесот Брдо-Бриони.
Тој се воздржа од коментар за билатералните прашања меѓу Македонија и Бугарија.
„Процесот Брдо-Бриони е пример како можат државите кои се веќе во Европската Унија да имаат некакви иницијативи и своите искуства да ни ги понудат нам, кои сме на тој пат. Не сум потполно запознаен, нешто претседателката Сиљановска-Давкова прокоментира, но би се воздржал за односот меѓу Македонија и Бугарија. Мислам дека можеби и на Бугарија и е овде место, ако е веќе членка на ЕУ и таа да помогне. Сите сме во ист регион“, рече Чупиќ.
Негова оценка е дека со лидерите од регионот кои присуствуваа на Процесот е воспоставен нов квалитет на комуникација.
„Билатералните состаноци со Жељка Цвијановиќ, Јаков Милатовиќ и Гордана Сиљановска-Давкова, беа многу пријателски, барем јас стекнав таков впечаток. И тие беа презадоволни со тонот и начинот на кој, би рекол, воспоставивме нов квалитет на комуникација“, нагласи Чупиќ.
Тој потенцираше дека ова му е прв меѓународен самит на функцијата.
„Немам со што точно да споредам за да можам да кажам дека е подобро или полошо од некогаш. Колку и да ми годеше, толку и ме загрижи, поради можеби некои пропуштени можности и некое време што ние како земја го изгубивме. Она што го стекнав како впечаток, е дека регионот во нашата надворешна политика не беше секогаш во фокусот, а мене ми се заблагодарија што првата посета беше регионална“, вели тој.
Тој нагласи дека и лично смета оти мора да се негуваат добри односи со сите соседи.
„Тоа го прокоментирав и со претседателката на Македонија, дека јас како човек од народот, како некој што живее на село, прво што гледам е да имам што подобри односи во својата улица, во своето соседство и мислам дека мене тоа некако ми е потполно природно, така што, околу тоа се согласивме. Не влегувавме во детали, зашто јас ја почитувам својата сегашна позиција и она што ние го предложивме во текот на предизборната кампања како вредности – држење до своите ингеренции“, рече Чупиќ, кој на самитот се запозна и со Зоран Милановиќ.
