Филмот на Тамара Котевска победи во силна меѓународна конкуренција

Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, ја освои наградата Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors. Станува збор за едно од највлијателните меѓународни признанија во областа на документарниот филм. Наградата се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката.

Филмот беше избран во конкуренција со документарни остварувања од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд. Со тоа, „Приказната за Силјан“ се наметна како најгласно поддржан филм од страна на публиката на глобално ниво. Според оценките, признанието претставува потврда за силниот меѓународен одек на филмот и неговата емоционална врска со гледачите.

Награда што доаѓа директно од гласот на гледачите

Audience Choice Prize се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм. Од ПР тимот на Котевска посочуваат дека оваа награда директно ја одразува поврзаноста на публиката со филмот. Истовремено, таа често се препознава како показател за понатамошен меѓународен успех.

Поддршката за „Приказната за Силјан“ пристигна и од Македонија и од странство. Во гласањето се вклучија гледачи од различни земји, што, според продукцискиот тим, ја претвори наградата во заедничка победа што ги надминува националните и географските граници.

„Ова е можеби најважната награда што ја освои ‘Силјан’, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.

Филмот го заокружи својот меѓународен пат

„Приказната за Силјан“ беше откупен од National Geographic Documentary Films. Филмот беше прикажан на низа престижни меѓународни фестивали. Според ПР тимот на Котевска, ова признание уште еднаш покажува дека локалните и автентични приказни можат да комуницираат со светска публика.

„Со освојувањето на Audience Choice Prize, ‘Приказната за Силјан’ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена“, посочи ПР тимот на Котевска.