Уапсеното лице кое се поврзуваше со убиствата во кафулето „Шиша бар“ кое се наоѓа во Чаршија, е пуштен на слобода, дознава „Скопје1“. Според наши извори, донесена е судска одлука, 31-годишниот скопјанец да излезе од затворот „Скопје“ во Шутка. Станува збор за лице кое беше уапсено поради увозот на автомобилот со кој се превезувале убијците.

„Скопје1“ побара информации од скопското Обвинителство околу тоа, дали лицето и натаму има статус на осомничен, но оттаму – нема одговор. Прашавме и дали причината за ослободувањето е бидејќи обвинителот не собра докази за обвинение – но и по еден ден, оттаму одговор нема.

Лицето кое е ослободено, се поврзувало со увезувањето на „аудито“, автомобил кој беше опожарен во Бутел кратко по двојното убиство. Од него останаа регистарските таблици. Возилото било оставено кај подвозникот, кој води кон Мирковци.

Убиството во „Шиша бар“ во Старата скопска чаршија го извршија повеќе лица, облечени во црна облека налик на униформа. Кога влегле, викале дека станува збор за полициска рација. Кога ги нашле таргетите, на вториот кат од локалот, почнале да пукаат во нив и избегале. На лице место се убиени Јетон Кривањева викан Жила и Енес Исени.

Досега, нема уапсени извршители на убиството. Во притвор е само едно лице, поврзано со овој случај.