Пуштен во употреба концептот „оне-стоп-шоп“ на граничниот премин Ќафасан – Ќафтане со Република Албанија.
Со него треба да се овозможи побрз проток на граѓаните од двете држави, но и на компаниите кои транспортираат производи на овој граничен премин.
На отворањето присуствуваше премиерот Димитар Ковачевски. Тој во своето обраќање потенцираше дека на овој начин се олеснува работата на 11 илјади компании од нашата држава кои се ориентирани кон извоз и кон трговија со други држави, а се овозможува и полесен пристап до пристаништата и до туристичките места во Албанија.
Пуштањето во употреба на концептот „оне-стоп-шоп“ следува откако на 27ми јули директорите на царинските управи на Северна Македонија и Албанија, го потпишаа последниот протокол за спроведување на Договорот за воспоставување на заеднички граничен премин меѓу двете земји.