Македонското друштво „Илинден“ од Тирана побара официјалната веб-страница на Општина Пустец да биде достапна и на македонски јазик, покрај албанскиот. Иницијативата е упатена до градоначалникот на општината, претседателот на Општинскиот совет и општинските советници.
Од друштвото посочуваат дека барањето се темели на Законот за заштита на националните малцинства во Република Албанија. Со него се гарантираат правата на националните малцинства, вклучително и правото на користење на сопствениот јазик во комуникацијата со органите на локалната самоуправа во средините каде што традиционално живеат.
Според „Илинден“ – Тирана, поставувањето на официјалната веб-страница на Општина Пустец и на македонски јазик би овозможило подобар пристап на граѓаните до јавните информации. Од друштвото сметаат дека тоа би придонело и за поефикасна комуникација со локалните институции и практична примена на правата на македонското национално малцинство.
Од Македонското друштво оценуваат дека иницијативата би придонела и за поголема институционална транспарентност, почитување на јазичната и културната разновидност и доследно спроведување на националните и меѓународните стандарди за заштита на правата на националните малцинства.
Барањето е доставено и до Комесарот за заштита од дискриминација и до Народниот правобранител на Република Албанија.
Од „Илинден“ изразуваат очекување дека надлежните институции ќе го разгледаат барањето и ќе преземат чекори официјалната веб-страница на Општина Пустец да стане достапна и на македонски јазик.
