Разговорот бил „пријателски и искрен“, соопшти Кремљ
Рускиот претседател Владимир Путин остварил телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, кој денеска слави роденден, а покрај честитките двајцата лидери разговарале и за повеќе актуелни меѓународни прашања.
Советникот на Путин, Јуриј Ушаков, соопшти дека разговорот траел 55 минути и поминал во „пријателска и искрена атмосфера“.
„Претседателот на Русија, Владимир Владимирович Путин, денеска по телефон му го честиташе на претседателот на САД неговиот 80-ти роденден“, изјави Ушаков.
Тој посочи дека разговорот не се свел само на размена на честитки.
„Како што и самите сфаќате, немаше само размена на учтивости. Претседателот Трамп не само што сослуша добри зборови и желби, туку лидерите, секако, разговараа и за клучните теми од актуелната меѓународна ситуација, развојот на билатералните договори и можните контакти на претставниците од двете страни“, додаде претставникот на Кремљ.
Разговарале и за Иран и Украина
Според Ушаков, во текот на разговорот било договорено американски претставници повторно да ја посетат Русија во рамки на разговорите поврзани со иранското прашање.
„Постигнат е договор специјалните претставници на претседателот на САД, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, кои во моментов се тесно ангажирани со иранските прашања, наскоро да се вратат во Русија“, изјави тој.
Советникот на Путин додаде дека Трамп изразил подготвеност да влијае врз европските партнери и врз Киев во насока на прекин на воените дејствија.
Поздрави до Меланија Трамп и благодарност за соработката
Ушаков откри дека Путин упатил честитки и до првата дама на САД.
„Владимир Путин природно изрази најдобри желби до првата дама Меланија Трамп, пофалувајќи ја нејзината улога во спојувањето на руските и украинските деца со нивните семејства. Од своја страна, Доналд Трамп ги пренесе поздравите и благодарноста на својата сопруга за соработката што ја добила од руска страна“, рече Ушаков.
Според Кремљ, ова е прв телефонски разговор меѓу Путин и Трамп во последниот месец и половина. Претходниот контакт меѓу двајцата лидери бил на 29 април, кога разговарале за можностите за примирје во Украина.
