Министерството за правда најавува законско решение

Работната група за реформи во Изборното законодавство на денешната седница отвори повеќе прашања поврзани со усогласување на Изборниот законик со препораките на ОБСЕ/ОДИХР, при што беше оценето дека значителен дел од нив се прифатливи и дека се движат кон законско решение, соопшти Министерство за правда.

На седницата биле усвоени повеќе предлози за измени на одредби од Изборниот законик, додека за дел од прашањата била отворена дополнителна дискусија со цел постигнување поширок политички консензус меѓу партиите и другите учесници во процесот.

Работната група заклучила дека следната седница ќе продолжи со разгледување на преостанатите отворени прашања, како и со анализа на доставените предлози од политичките партии, независните пратеници, институциите и граѓанскиот сектор.

„Упатен е повик до сите учесници, да ги достават своите конкретни предлози и забелешки во утврдениот рок, со цел навремена подготовка на усогласен текст на измените на Изборниот законик. Работната група продолжува со работа во насока на унапредување на изборната регулатива и зајакнување на демократските изборни стандарди и наскоро ќе има законско решение“, посочуваат од Министерството за правда.