Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), го одбележа Денот на трудот – 1 Мај со протест во центарот на Скопје, во зградата каде што се наоѓаат нивните простории, според сите протоколи – со заштитни маски и потребното растојание.

– Кризата само ја забрза потребата да се обезбедат приоритетите на работниците во државата, а тие синдикатите здружени во ССМ бараат на работниците да им се гарантира пристојна работа и место во општеството кое го заслужуваат со својот придонес и труд – истакна претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

ССМ бара донесување нов закон за работни односи со европски стандарди кој ќе содржи договорите за вработување на определено време да се најмногу до една година, породилното отсуство да трае 12 месеци, а ковид-19 да биде професионално заболување платено со стопостотен надоместок. Едно од барањата е да се укине членот од Законот за работни односи за контролен период кој овозможува работникот да работи прекувремено без престан, а за прекувремената работа да не биде платена, а во компаниите со над 30 работници работничките права да се регулираат со колективен договор. ССМ не отстапува и од барањето за зголемување на минималната плата која треба да изнесува најмалку 60 проценти од просечната плата, како и пензионирање по повеќе основи – старосна пензија, пензија по години на стаж и можност за предвремена пензија.

Дел од проблемите предизвикани од пандемијата со ковид-19 допрва ќе станат видливи, истакна Ирена Силјановска, претседателка на Секцијата на млади при ССМ, која побара од надлежните не само декларативни заложби, туку реално да обезбедат поголема заштита на работнички права и сигурни и безбедни работни места, поголема и социјална економска сигурност, како и инклузивност во процесот на креирање и имплементирање на младинските политики. Дотолку повеќе што, како што истакна, од вкупната бројка на лица кој остана без работа како резултат на кризата речиси 30 отсто се млади под 29 години.
Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) своите барања ги истакна пред Владата за што достави и првомајски манифест. Економската и социјалната положба на работниците е дополнително влошена за време на пандемијата, пред се поради тоа што голем број работници ги изгубија своите работни места, истакна Благоја Ралповски, претседател на КСС.

Од КСС побараа итно да се утврди репрезентативноста на најголемата синдикална организација на национално ниво во јавниот сектор, понатаму да се усогласат платите по вертикала во согласност со покачувањата на минималната плата, исплата на К-15, односно регрес за годишен одмор за сите работници и во приватниот и во јавниот сектор, но и за работниците на кои ова право им е регулирано со колективните договори.