Само за основните месечни потреби на едно домаќинство се потребни 68.675 денари, а ако семејството плаќа кирија за стан од 60 квадратни метри, трошокот достигнува 84.050 денари, објави денеска Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Синдикалната минимална кошница за август 2026 година изнесува 68.675 денари, покажуваат податоците за структурата на трошоците на едно домаќинство. Во споредба со јули, кога минималната кошница изнесувала 68.498 денари, во август е зголемена за 177 денари.
Најголем дел од минималните месечни расходи отпаѓаат на храна и пијалаци. За оваа ставка се потребни 25.032 денари, што претставува 36,4 отсто од вкупната вредност на кошницата.
Следна по удел е ставката образование, со 7.192 денари, односно 10,5 отсто од вкупните трошоци. За облека и обувки се предвидени 6.511 денари или 9,5 отсто, додека за рекреација и култура се потребни 5.592 денари, односно 8,1 отсто.
За транспорт едно домаќинство месечно треба да издвои 5.175 денари, што учествува со 7,5 отсто во минималната кошница. За ресторани и хотели се пресметани 4.131 денар, односно 6 отсто.
Трошоците за комуникации во август се пресметани на 3.677 денари, што е 5,4 отсто од кошницата.
За лична хигиена и одржување на хигиената во домот се потребни 2.692 денари или 3,9 отсто, додека за здравје се издвојуваат 1.196 денари, односно 1,7 отсто.
Најмал удел има ставката останати стоки и услуги, за која се предвидени 1.100 денари или 1,6 отсто од вкупната кошница.
Посебно се издвојуваат трошоците за домување. Во основната синдикална минимална кошница за станарина, вода, електрична енергија и греење се пресметани 6.379 денари, односно 9,3 отсто од вкупниот износ.
Но, кога во пресметката се додава изнајмен стан од 60 квадратни метри, трошокот за оваа ставка достигнува 21.754 денари.
Со тоа, вкупната синдикална минимална кошница за домаќинство кое живее под кирија се искачува на 84.050 денари месечно.
