На работник од компанија во Чиле по грешка му биле исплатени дури 330 плати. Наместо да ги врати парите, работникот најмил адвокат преку кој ја поднел својата оставка во фирмата и избегал. Очекувано или брутално?
Според Diario Financiero, локален медиум од Сантјаго, на работник од компанија во Чиле случајно му биле исплатени 330 плати на крајот од мај годинава.
Работникот, чие име не е познато, имал плата од околу 555 долари, која секој месец му ја пуштале на сметка во банка. Што значи, фирмата случајно му пуштила неверојатни 183.593 долари за еден месец работа.
Најверојатно бидејќи бил зачуден, работникот прво му кажал на неговиот менаџер дека добил многу пари на сметка. Тогаш од фирмата ја воочиле грешката и му рекле на работникот да оди во банка, па оттаму да среди парите да бидат вратени на сметката на фирмата.
Тој рекол дека ќе оди, но по средбата со надредените исчезнал. По три дена, управителите добиле порака од адвокат што го најмил работникот, кој им кажал дека тој си дава отказ.
Оттогаш никој ниту има некаков контакт со работникот, ниту знае каде е.
Наводно, фирмата сега се обидува да го лоцира мажот и да си врати барем дел од загубената сума.
Оваа сума пари е огромна без разлика во која земја живеете, а кога ќе се земе предвид дека работникот имал плата од околу 500 евра, веројатно нема да се премисли и да ги врати парите.