Бугарскиот претседател Румен Радев за понеделник (10 јануари) го закажа состанокот на Консултативниот совет за национална безбедност, објави прес-службата на бугарскиот претседател.
Темата на состанокот, како што се наведува во соопштението, е „Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ. Улогата на Република Бугарија во проширувањето на ЕУ и во процесот на стабилизација и асоцијација: Република Северна Македонија и Албанија“.
Овој состанок Радев го најави уште минатиот месец, по свеченоста на која Централната изборна комисија му го врачи уверението за избор на претседател на Бугарија.
-Важно е да имаме став на ова политичко тело, за кој и партиите ќе имаат јасна позиција за тоа што треба да се направи за да се забрза процесот на интеграција на РСМ во ЕУ, но имајќи го предвид и почитувајќи го бугарскиот национален интерес, изјави тогаш Радев.
Состаноците на Советот за безбедност се редовни и вонредни, бидејќи редовните состаноци се одржуваат најмалку еднаш на три месеци, а вонредните – со одлука на претседателот на републиката, а дискусиите се затворени.
Консултативниот совет за национална безбедност, со кој претседава шефот на Бугарија, ги вклучува претседателот на Народното собрание, премиерот, министерот за одбрана, министерот за внатрешни работи, министерот за надворешни работи, министерот за финансии, претседавачите на пратенички групи и шефови на специјални служби.