„Најпопуларниот“ бугарски политичар со амбиции за премиер
Бугарскиот претседател Румен Радев во пресрет на предвремените парламентарни избори соопшти дека поднесува оставка од функцијата. Во обраќањето до јавноста тој јасно стави до знаење дека неговото заминување од претседателската позиција не значи и повлекување од политиката, туку, напротив, најавува поактивна улога во идниот политички процес.
Според оценките на бугарската јавност и медиумите, Радев го напушта претежно церемонијалниот мандат со намера да се вклучи подиректно во политичкиот живот. Се шпекулира дека како независен политичар би можел да се приклучи кон партија, да учествува на парламентарните избори и да се обиде да ја преземе функцијата премиер.
Во прошталниот говор, Радев истакна дека не се работи за политичко заминување, туку за нова етапа:
„Денеска ви се обраќам последен пат како претседател на нашата Бугарија. Најнапред, ве молам за прошка. Ги признавам своите грешки и знам што не успеав да реализирам“.
Период на нестабилност и технички влади
Осврнувајќи се на двата претседателски мандати од 2017 година наваму, Радев потсети дека периодот бил обележан со изразена политичка нестабилност, поради што биле именувани седум технички влади. Според него, честите падови на редовните кабинети не се резултат на негово дејствување, туку на пошироки системски проблеми.
Тој изрази уверување дека токму неговата улога може да придонесе за стабилизација на политичката сцена во иднина. „Верата дека заедно можеме да успееме е една од главните причини за мојата одлука да поднесам оставка. Нè очекува битка за иднината на татковината“, порача Радев.
И покрај членството на Бугарија во Шенген и Еврозоната, очекуваната стабилност изостана. Радев оцени дека причината лежи во „погрешниот модел на владеење“, кој, како што рече, „на површина изгледа демократски, но функционира според механизмите на олигархијата“.
Корупција, популарност и можни геополитички дилеми
Демонстрантите кои во декември ја соборија владата ја обвинија за недемократско и „мафијашко управување“. Критиките беа насочени кон конзервативната партија ГЕРБ, како и кон олигархот Дељан Пеевски, за кого се тврди дека имал силно влијание врз институциите. За разлика од нив, самиот Радев не се поврзува со значајни корупциски скандали, освен еден случај поврзан со техничка влада и договор со турска енергетска компанија.
Економскиот аналитичар Руслан Стефанов оценува дека Радев е „најпопуларниот политичар во земјата“, со реални шанси за изборна победа. Сепак, тој отвора и прашања околу можните последици врз надворешната политика, особено во однос на поддршката за Украина.
Позициите на Радев за војната се поумерени од досегашните влади, што според некои аналитичари може да ја доближи Бугарија до ставови слични на оние на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Во Бугарија сега се очекува официјалниот датум за изборите, најавени за март или април, а вниманието е насочено кон следниот политички чекор на Румен Радев.
Извор: Дојче Веле
