Руските сили доцна синоќа извршија напад со балистички ракети врз украинската престолнина Киев, при што беа погодени трговски центар и уште две згради. Во нападот се повредени четири лица, од кои две се наоѓаат во тешка состојба, соопшти градоначалникот Виталиј Кличко.
Кличко преку Телеграм соопшти дека нападот сè уште трае и упати апел до жителите да останат во засолништата. Според неговите информации, погодените објекти се лоцирани на источниот брег на реката Дњепар, а една од зградите претрпела тешки оштетувања.
Очевидци јавуваат за две серии силни експлозии кои одекнале низ градот за време на воздушниот напад.
Во исто време руските сили извршиле напад и врз Харков, вториот по големина град во Украина, при што се повредени најмалку три лица, соопшти градоначалникот Игор Терехов. Според првичните информации, можно е под урнатините да има и затрупани цивили.
Руските сили од септември редовно изведуваат напади врз Киев и другите украински градови. Претходно неделава, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека разузнавачките податоци укажуваат оти руските сили подготвуваат нов голем напад врз Украина.
И украинската и руската страна постојано негираат дека нивна цел се цивилни објекти.
