Деветто обвинение против градоначалникот на Струга

Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, доби деветто обвинение по ред, овојпат за поттикнување етничка омраза со поставување спомен плоча пред општинската зграда. Обвинителството утврди дека плочата, испишана само на албански јазик и поврзана со италијанската окупација, предизвикала раздор меѓу жителите на Струга.

Обвинението го товари Мерко за кривично дело според член 27 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја.

Мерки на претпазливост и опасност од бегство

На барање на обвинителството, судот му го одзеде пасошот и сите патни исправи на Мерко, поради проценка за опасност од бегство. Дополнително, тој е обврзан еднаш неделно да се јавува во судот како дел од мерките на претпазливост.

  • „Во изминатиот период годинава, против обвинетиот се поднесени повеќе кривични пријави за различни дела, вклучувајќи злоупотреба на службена положба и несовесно работење во службата. Поради проценетата реална опасност од бегство, судот наложи одземање на неговите патни исправи“, соопштија од ОЈО Струга.

Политички реакции за новото обвинение

Коалицијата Вреди, која е дел од владата, остро реагираше на последното обвинение.

  • „Артан побегна, Перпарим се изгуби без било каква трага, а Мерко веќе си нема пасош. Додека ќелиите се подготвуваат да ги примат сите, ова е само почетокот на крајот на партијата која ја воведе корупцијата како системски проблем. Нивните бегства само докажуваат дека правдата е неизбежна!“, изјавија од Вреди.

Од друга страна, лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, која е коалициски партнер на ДУИ, повика на почитување на правната процедура и истакна дека правдата треба да почне да се спроведува и во сопствените редови.

  • „И покрај обвиненијата, сметаме дека пресумпцијата на невиност е од суштинско значење. Власта мора да покаже капацитет за спроведување на правдата, почнувајќи од сопствените редови“, рече Села.

Долгата историја на обвиненија против Рамиз Мерко

Градоначалникот Мерко, од редовите на ДУИ, веќе се соочува со осум други судски постапки за злоупотреба на службена положба, несовесно работење и корупција.

Во јуни 2023 година, САД го ставија Мерко на „црната листа“, поради негова вклученост во значајна корупција. Американското Министерство за финансии тогаш објави дека Мерко злоупотребувал општински средства и се мешал во судски и јавни процеси, нарушувајќи ја довербата на македонската јавност во демократските институции.