Заврши првиот ден од амандманската расправа за ребалансот на Буџетот во собраниската Комисија за финансирање и буџет. Продолжението е закажано за утре во 11 часот.

Во претпладневниот дел од седницата беше прифатен амандманот со кој се бараат дополнители два милиони денари за Комисијата за заштита од дискриминација, поднесен од тројца пратеници од владејачкото мнозинство, но одбиен беше амандманот на опозицијата, да се предвидат 300 милиони денари за интервентен фонд за земјоделство.

Попладнево беа одбиени уште два амандмана од ВМРО-ДПМНЕ за поддршка на угостителите и естрадните уметници.

Како што објасни заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски, антикризните мерки беа добро скроени и таргетирани, а тоа го потврдија и Светска банка и ММФ. Конкретно, во однос на естрадните уметници, како што потсети, беше донесена еднократна помош од 30.750 денари или вкупно 23 милиони денари.

-На јавниот повик стигнаа 1633 апликации од кои 745 ги исполнија критериумите. Но, од нив 429 имаа пополнето годишна даночна пријава за 2020-та, а 316 немаа. По мислење од Министрството за финансии и тие 316 беа вклучени во тие што добија поддршка со што бројката стана 745. Даночната пријава не беше пречка, сите 745 естрадни уметници добија средства. Оние што беа одбиени, не ги исполнуваа другите критериуми, објасни Ковачевски.

На тоа, пратеничката Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ реплицираше дека штом е така, тогаш протестите на музичарите и естрадните уметници биле без никаква причина.

-Велите само дел од нив ги исполнувале условите, а на дел сте им прогледале низ прсти и дека оваа категорија одлично заработувала лани. Целта на амандманот беше оваа, граѓаните да видат колку е Владата искрена кога зборува за помош и пакети мерки. Жалам што естрадните уметници напорно работеа за да направат целосен регистар, да бидат евидентирани во УЈП. Но, нивните напори беа залудни, рече Панова, а заменик министерот потоа, побара од неа да му се извини за кажаното.

Панова му рече да не реагира толку емотивно, повторувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ бара само власта да го исполни ветеното.

Нејзината сопартијка Ане Лашковска дополни дека амандманите не се популистички, туку вистински во насока да им се помогне на граѓаните.

– Не е време за популизам. Да не се надмудруваме, туку да им помогнеме на луѓето зашто се во премногу тешка ситуација. Повеќето минатата година и пол воопшто не работеа, а прехрануваат цели семејства. Разгледајте ги амандманите, најискрени ни се мерките, рече Лашковска.

Заменик министерот уште еднаш повтори дека со владините антикризни мерки се задржаа над 120.000 работни места со директна поддршка за плати, се зачува ликвидноста на компаниите преку бескаматни кредити, а беше задржана во кондиција и економијата.

-Останува фактот дека се задржа нивото на невработеност како пред кризата и сега е рекордни 16 проценти, просечната плата се зголеми. Сметам дека сите мерки беа сеопфатни и дека секој граѓанин може да се најде во нив за на најдобар начин да ја преброди кризата, заклучи Ковачевски.

Денеска е шестиот ден од десетте планирани за расправа во Комисијата за финансирање за ребалансот на Буџетот за 2021. Дебатата за амандманите ќе заврши десетиот ден, независно колку амандмани се поминати на Комисијата. Извештајот за работата на Комисијата и ребалансот се враќа назад во Владата која во рок од три дена треба да го врати со вградените прифатени амандмани до Собранието, по што се одржува пленарна седница, која може да трае најмногу пет дена. Се очекува ребалансот на Буџетот да биде донесен пред крајот на месецов.