За ребалансот се поднесени вкупно 222 амандмани од кои 153 се од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Во текот на вчерашниот ден, кога почна амандманската расправа, прифатен беше амандманот со кој се бараат дополнители два милиони денари за Комисијата за заштита од дискриминација, поднесен од тројца пратеници од владејачкото мнозинство, но одбиен беше амандманот на опозицијата, да се предвидат 300 милиони денари за интервентен фонд за земјоделство. Одбиени беа и два амандмана од ВМРО-ДПМНЕ за поддршка на угостителите и естрадните уметници.

Денеска е седми ден од десетте планирани за расправа во Комисијата за финансирање за ребалансот на Буџетот за 2021. Дебатата за амандманите ќе заврши десетиот ден, независно колку амандмани се поминати на Комисијата. Извештајот за работата на Комисијата и ребалансот се враќа назад во Владата која во рок од три дена треба да го врати со вградените прифатени амандмани до Собранието, по што се одржува пленарна седница, која може да трае најмногу пет дена. Се очекува ребалансот на Буџетот да биде донесен пред крајот на месецов.