Уништен дел од клучен гасен комплекс, пазарите реагираа веднаш
Нагло поскапување на енергенсите беше регистрирано во четвртокот, по нападот врз најголемиот комплекс за течен природен гас во светот. Иран изврши одмазднички удар врз постројката, при што беа предизвикани сериозни оштетувања кои, според катарските власти, би можеле да се санираат со години.
Извршниот директор на „QatarEnergy“, Саад ал-Каби, за Reuters изјави дека постои можност компанијата да прогласи виша сила за долгорочните договори со Белгија, Кина, Италија и Јужна Кореја.
Две постројки за течен природен гас биле уништени во нападот, што може да доведе до намалување на извозот на Катар за околу 17 проценти во период од три до пет години.
Пазарите реагираа веднаш. Цените на бензинот во Европа пораснаа за до 35 проценти, додека нафтата поскапе за околу 10 проценти.
„Дури ни во моите најлуди соништа не можев да замислам дека Катар и целиот регион ќе бидат цел на таков напад, особено од братска муслиманска земја за време на месецот Рамазан“, рече директорот на „QatarEnergy“.
Остра ескалација и страв од глобална криза
Експертите предупредуваат дека нападите врз гасните и нафтените постројки претставуваат сериозна ескалација. Според нив, ризикот од долгорочни прекини во снабдувањето со енергија станува сè пореален.
„Сега сме на добар пат кон сценарио на судниот ден за гасната криза. Дури и кога ќе заврши војната, прекините во снабдувањето со течен природен гас би можеле да траат со месеци или дури години“, смета Саул Кавоник од „MST Financial“.
Иран изврши напади врз повеќе енергетски цели во регионот. Погодени биле рафинерии во Саудиска Арабија, гасни постројки во Обединетите Арапски Емирати биле затворени, а пожари избувнале во две рафинерии во Кувајт. Нападнати биле и израелски рафинерии во Хаифа и Ашдод.
Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека ќе следи одмазда доколку нападите продолжат. Тој изјави дека бил информиран оти нема да има нови удари врз иранските енергетски објекти.
Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, порача дека нема да има „никакво воздржување“ ако инфраструктурата повторно биде нападната.
Ризик за инфлација и глобалната економија
Аналитичарите предупредуваат дека кризата веќе има пошироки последици. Според нив, погодени се темелите на глобалниот енергетски систем.
„Она што ги загрижува пазарите сега е растечкиот ризик од стагфлација“, изјави Чару Чанана од „Saxo“.
Европската централна банка оцени дека конфликтот ќе има „значајно влијание“ врз инфлацијата на краток рок. Очекувањата се дека инфлацијата во еврозоната може да се приближи до 4 проценти следната година, а враќањето на целното ниво од 2 проценти да потрае подолго време.
Состојбата останува неизвесна, а пазарите внимателно ги следат натамошните развои во регионот.
