Откриена меѓународна мрежа за местење натпревари во професионалниот тенис

Француските истражни органи разоткрија обемна криминална мрежа за местење натпревари во професионалниот тенис, по двегодишна истрага која го потресе светот на овој спорт. Најчесто биле таргетирани пониско рангирани играчи, на кои им биле нудени пари за намерно губење натпревари, а дел од нив веќе ги признале делата.

Седум обвинети, признанија од уапсени тенисери

До денес, седум лица, меѓу кои сегашни и поранешни тенисери, како и нивни соработници, се обвинети за организирана измама, корупција во спортот и поврзаност со криминална организација. Тројца неодамна уапсени француски тенисери ги признале делата за кои се обвинети и во наредниот период ќе се појават пред судија, каде ќе се соочат со формални обвиненија.

Истрагата кулминирала со апсења откако биле регистрирани сомнителни и невообичаено високи облози на турнир во францускиот град Родез. Истражителите забележале необични исплати за натпревар во двојки, во кој двајца француски играчи прикажале чудна и нелогична игра, што дополнително ги засилило сомнежите.

Млади играчи надвор од АТП-топ 100 биле главна цел

Криминалната мрежа, според истрагата, имала јасна стратегија и се фокусирала на млади и пониско рангирани професионални играчи, надвор од првите 100 на АТП ранг-листата. Според Стефан Пијала, шеф на единицата за измами со коцкање на француската полиција, ваквите играчи се идеални цели бидејќи не е потребно да им се нудат големи суми пари за да прифатат учество во измамата.

Притисокот со кој се соочуваат тенисерите го илустрира сведочењето на француската тенисерка Марин Парто, која за време на истрагата открила дека на турнир во Романија ѝ биле понудени илјадници евра во готово само за намерно да го изгуби првиот гем од натпреварот. Таа ја одбила понудата, но посочила дека разбира зошто некои играчи би ја прифатиле, бидејќи понудената сума е приближно еднаква на паричната награда за освојување на цел турнир на тоа ниво.