Градоначалникот на oпштина Градско, Киро Нацков, се огласи по повод вознемирувачкиот случај со малтретирањето на ученик од негови врсници во основното училиште „Даме Груев“ во општината, при што објави дека се преземаат серија мерки во врска со случајот.
Една од тие мерки е и разрешување на директорката на училиштето, соопшти Нацков.
– Деновиве сме сведоци на немил настан во основно училиште во општина Градско. Во ниту еден момент не останав имун како градоначалник и никогаш нема да останам имун. Морам да напоменам дека ја согледав целосната ситуација и денес преземам конкретни мерки, а воедно и јавно соопштувам. Без разлика што и како и дали се постапило во врска со овој случај, сега треба да се согледаат последиците и зошто е дојдено до ова, односно да излезе целата ситуација од контрола. Оттука апелирам дека сите засегнати страни треба да преземат одговорност, а иако е пријавено во МВР и Центар за социјални работи, сепак, сѐ уште нема никаква реакција – напиша градоначалникот на Фејсбук.
Тој додава дека во рамки на неговите надлежности, ја разрешува директорката на ООУ „Даме Груев“.