По долга и исцрпна дебата, со 62 гласа за, ниту еден глас против и ниту еден воздржан, доцна синоќа пратениците во Собранието на Република Македонија во две одделни гласања ги разрешија министерот за здравство, Фатмир Меџити и министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.
Меџити и Алиу се дел од крилото на претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари. Нивното разрешување го побараа органите на партијата каде мнозинство има поранешниот лидер Зијадин Села. Предлог за нивно разрешување дојде од премиерот на техничката влада Талат Џафери.
Опозицијата не учествуваше во гласањето. Од говорницата пратеникот Бране Петрушевски порача дека ќе ги остават „ДУИ и измеќарите од СДСМ сами да си ракоплескаат на разрешувањето на министрите“.
Џафери за нови министри ги предложи Илир Демири во здравство и Наим Бајрами за информатичко општество. Гласањето за нивен избор е во понеделник на следната собраниска седница.