Капитенот на Еурофарм Пелистер, Филип Кузмановски, не го криеше разочарувањето по убедливиот пораз од Вардар во големото дерби. Тој порача дека битолчани немаат намера да се откажат од своите шампионски амбиции во домашниот шампионат.
Според него, за да се стигне до позитивен резултат во атмосфера каква што владееше во салата „Јане Сандански“, неопходна е максимална концентрација во текот на сите шеесет минути.
Среќен сум за некои добри моменти во првиот дел, но не е лесно да се игра во оваа сала. За да извлечеш победа во ваква атмосфера, мора да си константен 60 минути. Мора да се игра со 16 ракометари, сите да помогнат и да придонесат.
Капитенот на битолскиот тим потенцираше дека разврската во првенството допрва следува и дека екипата мора да направи детална анализа на направените грешки.
Првенството не е решено, има уште многу да се игра. Честитки до Вардар, тие беа подобри денеска, но ние уште не сме го кажале последниот збор. Ќе направиме анализа на мечот, мора добро да размислиме за тоа кој колку придонесува. Ништо не е готово.
