Режисерот Мајкл Ман, познат по својот криминалистички трилер „Жештина“ (Heat), се повредил во несреќа на стрелиште во Лос Анџелес. Информацијата за немилиот настан ја потврди неговата портпаролка.

Инцидентот се случил на 31 октомври околу 16 часот по локално време во затворено стрелиште во западниот дел на градот. Додека вежбал стрелање, осумдесет и тригодишниот Ман, кој со децении важи за искусен рекреативен стрелец, се обидувал да го врати оружјето во футролата при што пиштолот ненадејно испукал куршум во неговата лева натколеница.

Полициски службеници и противпожарни екипи веднаш интервенирале на местото по пријавата за пукање. По спроведената истрага надлежните органи констатирале дека станува збор за чист несреќен случај без намерна позадина, по што Ман бил пренесен во локална болница во стабилна здравствена состојба.

„Во саботата, на стрелиште, дошло до случајно испукување на оружје додека се наоѓало во футрола, при што режисерот Мајкл Ман се здобил со површна повреда. Му беше укажана лекарска помош и се подготвува да ја напушти болницата“, соопшти неговата претставничка.

Ман важи за еден од најугледните режисери на сурови крими-трилери во кои играат врвни ѕвезди, меѓу кои се класикот „Жештина“ од 1995 година со Ал Пачино и Роберт де Ниро, напнатиот „Колатерал“ од 2004 година со Том Круз и Џејми Фокс, како и филмската верзија на серијата „Пороците на Мајами“ со Колин Фарел. Покрај нив, тој ги потпишува и култните остварувања „Последниот Мохиканец“, „Крадец“, „Инсајдер“, „Али“ и биографскиот филм „Ферари“ од 2023 година.

Познатиот филмаџија во моментов работи на долгоочекуваниот проект „Heat 2“, базиран на романот напишан во соработка со Мег Гардинер, кој треба истовремено да функционира како продолжение и како предговор на оригиналната филмска приказна со најавено учество на актери како Леонардо Дикаприо, Кристијан Бејл и Стивен Греам.